Седум цивили од Авганистан загинаа во хаосот на аеродромот во Кабул, објави во неделата британското Министерство за одбрана, додека десетици илјади луѓе очајно се обидуваат да избегаат од земјата окупирана од талибанците.

„Условите на терен се исклучително тешки, но правиме сè што можеме за да управуваме со ситуацијата што е можно побезбедно“, велат од министерството.

Смртта на цивилите укажува на очајот на бројни Авганистанци, соработници на меѓународните сили во изминатите 20 години и активисти за човековите права кои се плашат за своите животи додека чекаат евакуација со своите семејства на аеродромот.


Изјавата на министерството дојде откако ОН предупредија дека талибанците ги бараат соработниците на соборената влада, и покрај ветувањата дека нема да се одмаздуваат.

Војници од голем број земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Велика Британија и Турција, спроведуваат симултани операции за евакуација на аеродромот.

Американските сили во саботата објавија дека минатата недела транспортирале 17.000 луѓе од Кабул, а германската војска 2.300 лица.

Надежите за бегство од Авганистан се намалуваат со приближувањето на крајниот рок за повлекување на американските војници до 31 август. Затоа, другите земји брзаат да ги евакуираат своите граѓани под заштита на американските сили.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.