Балтичките земји членки на Европската Унија предупредија на можна воена ескалација на конфликтот поради мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Европската Унија од Белорусија.

Министрите за одбрана на Балтикот предупредија дека „тесните грла на мигрантите, за кои ЕУ вели дека Минск намерно ги создава, се закануваат на голем дел од источното крило на блокот – па дури и може да предизвикаат воен конфликт“.

Големи групи луѓе се собираат и се транспортираат до граничната област, каде потоа се принудени илегално да ја преминат границата. Ова ја зголемува можноста за провокации и сериозни инциденти кои лесно може да прераснат во воен конфликт – напишаа во заедничка изјава Кале Лаанет од Естонија, Артис Пабрикс од Летонија и Арвидас Анусаускас од Литванија.

Тие ја осудија „намерната ескалација на сегашниот хибриден напад од белорускиот режим“.

Нагласувајќи ја билатералната поддршка на нивните земји за Полска, министрите,ја повикаа ЕУ и „да ја зголеми својата поддршка за подобрување на безбедноста на нејзините надворешни граници“.

Стотици мигранти, меѓу кои и многу деца, живеат на отворено на многу ниски температури долж западната граница на Белорусија со ЕУ. Некои имаат шатори, други се засолнуваат само во блиската шума.

Мигрантите, главно од Блискиот Исток, сега се во ќорсокак меѓу власта на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој беше обвинет дека им помогнал да стигнат до граничната област, и полските власти, кои одбиваат да ги пуштат на територијата на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.