Илјадници деца во САД се хоспитализирани поради омикрон сојот на корона вирусот, поради што експертите стравуваат дека голем број невакцинирани Американци помлади од 18 години ќе бидат зафатени од новиот бран на пандемијата на Ковид-19.
Просечниот дневен број на хоспитализирани деца во периодот од 21 до 27 декември се зголемил за над 58 отсто на национално ниво, достигнувајќи 334, во споредба со 19 отсто за сите возрасни групи, покажуваат податоците на Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Помалку од 25 проценти од 74 милиони Американци на возраст под 18 години се вакцинирани против корона вирусот, соопшти ЦДЦ.
По празниците, училиштата повторно ќе бидат отворени следната недела, па се очекува зголемување на бројот на заразени.
Лекарите велат дека е премногу рано да се каже дали Омикрон предизвикува потешка болест кај децата за разлика од другите варијанти на корона вирусот, но тој е многу заразен што е клучен фактор што придонесува за зголемување на бројот на хоспитализирани.
Ќе зарази повеќе луѓе и тоа се случува. Гледаме дека расте бројот, гледаме повеќе хоспитализирани деца – истакнува Џенифер Навак, педијатар и специјалист за заразни болести при Медицинскиот центар на Универзитетот Рочестер, предупредувајќи дека децата под пет години не се вакцинирани.
Дури и во Њујорк, каде што има една од највисоките стапки на вакцинација во земјата, само 40 отсто од децата на возраст од пет до 17 години се целосно вакцинирани во споредба со над 80 отсто од возрасните.
САД не одобриле ниту една вакцина против Ковид-19 за деца под пет години.
Инфекцијата меѓу децата се шири и во други делови на САД.
Во Охајо се пријавени 125 отсто зголемување на бројот на хоспитализирани деца под 17-годишна возраст во изминатите четири недели.
Флорида, Њу Џерси и Илиноис потврдија најмалку двојно зголемување на просечниот седумдневен број на хоспитализирани малолетни пациенти во изминатата недела.
Лекарите велат дека децата кои се хоспитализирани поради Ковид-19 имаат проблеми со дишењето, висока температура и се дехидрирани.
Истражувањата покажуваат дека значителен број на инфекции кај децата се случиле надвор од училиштата. Експертите очекуваат повеќе заразени деца по празничните прослави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.