На денешен ден во 2001 година членови на Ал Каеда киднапираа четири американски авиони и извршија истовремен напад врз неколку цели во САД.
Два од авионите удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, попознати и како „Кулите близначки“. Третиот авион се урна во зградата на Пентагон, крај Вашингтон, а четвртиот се урна во Пенсилванија, откако патниците им се спротивставиле на киднаперите. Тој ден загинаа вкупно 2.983 лица.
Американците традиционално ја одбележуваат годишнината од нападот со читање на имињата на загинатите и оддавање почит со светлење на местото каде што беа уништени „Кулите близначки“. Притоа се оддава и шестминутен молк во знак на почит. Четири од тие шест минути ги симболизираат точните времиња кога четирите киднапирани авиони ги погодија „кулите близначки“, Пентагон и Пенсилванија, а преостанатите две претставуваат моментите кога се срушија двете кули на Светскиот трговски центар.
Церемонијата се одржува во близина на двата базена со водопади, што се изградени на местата каде што некогаш беа кулите.
Кулите на Светскиот трговски центар се урнаа два часа по ударот на авионот, при што загинаа 2.606 лица, вклучувајќи 343 пожарникари и 60 полицајци.
Уште 125 лица загинаа во нападот врз Пентагон. Сите присутни во четирите авиони загинаа, вкупно 265, вклучувајќи ги и 19 киднапери. Жртвите беа државјани на вкупно 77 земји.
Поради пандемијата на корона вирусот, семејствата на жртвите нема да можат да одржат говори како претходните години, туку ги снимија своите пригодни зборови.
Тие сепак, ќе можат да се соберат на местото на настанот, со задолжително носење маски и почитување на дистанца.
На 11 септември, за првпат од почетокот на пандемијата ќе бидат отворени Националниот меморијален центар и музејот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.