Претседателот на Русија, Владимир Путин прогласи вонредна состојба откако 20.000 тони нафта се излеаја во река во Арктичкиот круг.

Се работи за контаминирана површина од 350 квадратни километри, јавуваат државните медиуми.

Со електраната управува фирма ќерка на Норилск Никел, водечка светска компанија во производство на никел и паладиум.

Путин вчера остро го критикуваше челникот на компанијата за неговиот задоцнет одговор.

Гувернерот на покраината, каде се наоѓа електраната, претходно му рекол на Путин дека дознал за несреќата во неделата, откако „се појавија алармантни информации на социјалните мрежи“.

Путин нареди да се започне истрага за несреќата, а управителот на електроцентралата е во притвор. На шефот на термоцентралата Вјачеслав Старостин, му е одреден притвор до 31 јули. Тој е обвинет за кршење на законите за заштита на животната средина, како и за небрежност.

Гринпис Русија соопшти дека несреќата е „прва несреќа од таков обем на Арктикот“. Нафтата достигнала до 12 километри оддалечената река Амбарнаја, чии делови се во црвена боја.

Се верува дека ова е втора најголема несреќа во модерната руска историја.

Ова не е прва несреќа во погоните на Норилск Никел. Таа компанија во 2016 година призна дека поради несреќа во еден од погоните реката станала црвена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.