Досегашната прва дама на САД, Меланија Трамп, размислува за животот по заминувањето од  Белата куќа.

Како што објави „Бизнис инсајдер“, извор близок до семејството открива дека Меланија се подготвува да замине во нивната семејна резиденција Мар-а-Лаго во Палм Бич на Флорида.

Таа само сака да си замине дома – открива изворот.

Меланија почнала да ги прави плановите за заминување во периодот додека американскиот претседател Доналд Трамп одбиваше да го признае поразот на изборите.

Неколку извори потврдиле дека Трамп периодов ја реновира резиденцијата во Флорида, подготвувајќи се за бурно напуштање на Белата куќа на Денот на инаугурацијата, кога новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе ја положи заклетвата.

Друг извор потврдува дека нивниот 14-годишен син, Барон, ќе ја заврши учебната година во Флорида.

Првата дама исто така разгледува начини да го надгради својот имиџ откако ќе ја загуби титулата во Белата куќа. Изворите велат дека таа размислува за пишување на книга за историјата на гостопримството во Белата куќа, како и за одржување на нејзината кампања за јавна свест „Биди најдобар“.

Шефицата на кабинетот на Меланија Трамп, Стефани Гришам, соопшти дека, сепак, засега нејзиниот распоред останува исполнет со должностите како мајка, сопруга и прва дама на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.