Директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Рошел Валенски, предупреди дека ширењето на многу заразните мутации на корона вирусот се закана да предизвикаат „потенцијален четврти бран на случаи“ во САД.
Валенски изрази загриженост поради најновите податоци за бројот на заболени од Ковид-19, нагласувајќи дека минатата недела на дневно ниво биле евидентирани околу 70.000 нови случаи, што, како што истакна, е многу голема бројка.
Во истиот период, дневно се регистрирани по 2.000 смртни случаи.
Валенски предупреди дека САД, со толку високо ниво на случаи и нови мутации на вирусот кои брзо се шират, може да ја изгубат тешко стекнатата предност во борбата против корона вирусот.
Овие мутации претставуваат многу реална закана за нашиот народ и напредокот што го постигнавме – изјави Валенски.
Во моментов кружат неколку различни мутации на Ковид-19, но здравствените експерти се особено загрижени поради некои од нив, како што се оние во Велика Британија, Јужна Африка и Бразил, за кои се смета дека се позаразни од обичниот вирус.
ЦДЦ предвидува дека многу заразната мутација Б. 1.1.7, првпат забележана во Велика Британија, ќе стане доминантна во САД овој месец.
Валенски, сепак, оцени дека САД имаат можност да го запрат потенцијалниот четврти бран на случаи во земјата.
Според податоци на Светската здравствена организација, во САД досега се регистрирани над 28 милиони заразени и 500.000 смртни случаи од корона вирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.