Американските разузнавачки служби дознале дека Кина се обидува „тајно“ да постави воен објект во Обединетите Арапски Емирати, што довело до интензивна дипломатска комуникација меѓу САД и ОАЕ.

Според американскиот весник „Волстрит џурнал“, Кина наводно се обидела да го изгради тајниот воен објект во пристаништето Калифа, 50 километри северно од Абу Даби. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги предупредила властите на ОАЕ за присуството на Кина во земјата, откако тоа било откриено со сателитски снимки во текот на пролетта.

За ова прашање се воделе интензивни разговори меѓу претставници на САД и ОАЕ.

Градежните работи се прекинати по притисокот од САД, а „Волстрит џурнал“ објави дека Бајден двапати директно разговарал со престолонаследникот на ОАЕ Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, во мај и август оваа година.

Властите на ОАЕ потврдија дека Кина имала интензивни комерцијални активности во пристаништето Калифа, но дека немаат информации за обид за тајно воспоставување воен објект.

Кина ги зајакна економските односи со Обединетите Арапски Емирати во последниве години, а во текстот се истакнува дека моментално е еден од најголемите купувачи на нафта и трговски партнери на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.