Вашингтон вчера објави дека 75 проценти од 80 милиони дози вакцина против ковид-19, кои Соединетите Држави им ги ветија на странски земји до крајот на јуни, ќе бидат дистрибуирани преку програмата Ковакс.

Владата објавува рамка за дистрибуција на овие 80 милиони американски дози низ светот, се вели во соопштението на Белата куќа. Најмалку три четвртини од дозите ќе бидат споделени преку Ковакс.

Ова претставува вкупно 60 милиони дози дистрибуирани преку овој систем оформен за да се обезбеди правична дистрибуција на вакцините, особено до сиромашните земји.

Останатите 25 проценти (20 милиони дози) се наменети за „земјите во нужда, кои се соочуваат со голем број заболени, и за непосредните соседи на САД“, соопшти Белата куќа.

Вашингтон ги наведе и земјите во кои ќе бидат доставени првите 25 милиони дози. Скоро 19 милиони ќе поминат низ Ковакс (6 милиони за Јужна и Централна Америка, 7 милиони за Азија и 5 милиони за Африка).

Преостанатите 6 милиони ќе им бидат дадени директно на земјите „партнери“ (Мексико, Канада, Египет, Ирак, Јемен…).

Ние не ги споделуваме овие дози за да обезбедиме услуги или отстапки од други земји. Ние ги споделуваме овие вакцини за да спасиме животи и со свој пример да го водиме светот кон крајот на пандемијата, рече американскиот претседател Џо Бајден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.