Американската администрација ќе ги поедностави процедурите за имиграција за авганистанските бегалци за тие да може брзо да се интегрираат во американското општество, објави Министерството за внатрешна безбедност (ДХСс).

Согласно одлуката, околу 70.000 Авганистанци кои пристигнаа во САД од 30 јули, кога почна операцијата за евакуација од Авганистан „Добредојдовте сојузници“ , ќе може да користат поедноставени процедури за добивање „зелена карта“, дозвола за престој во САД и разни дозволи што би можеле да им бидат неопходни.

Тие, исто така, ќе бидат ослободени од такси за регистрација, што е битна мерка, бидејќи само различните такси за дозволата за престој можат да достигнат илјадници долари.

Со овозможувањето поедноставени процедури и ослободувањето од такси, ќе отвориме можности за нашите авганистански сојузници и ќе им помогнеме побрзо да го градат животот во нашата земја. Овие мерки ја покажуваат нашата посветеност на Авганистанците кои им пружија вредна помош на САД во изминатите 20 години, како и на Авганистанците во опасност – искоментира министерот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас.

Летово од Кабул беа евакуирани повеќе од 120.000 лица, вклучувајќи и дипломати и странски државјани, но и десетици илјади Авганистанци во опасност, особено затоа што соработувале со силите на меѓународната коалиција во Авганистан. Од таа бројка, околу 70.000 Авганистанци беа примени во САД, додека другите заминаа во други земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.