САД повикаа на итно ослободување на јеменските државјани вработени во американската амбасада во главниот град на Јемен, Сана, кои се заробени од јеменските бунтовници – Хути.
Повеќето локални службеници на американската амбасада во главниот град на Јемен се ослободени, но голем број локални функционери се уште се приведени без објаснување и бараме тие веднаш да бидат ослободени – објави портпаролот на Стејт департментот.
Тој истакна дека бунтовниците Хути го прекршиле законот и влегле во комплексот на амбасадата затворен од 2015 година, кога САД го префрлија својот дипломатски персонал во Ријад поради граѓанската војна во Јемен.
Ги повикуваме Хутите веднаш да ги напуштат просториите и да го вратат целиот одземен американски имот – изјави портпаролот, додавајќи дека американската Влада ќе продолжи со дипломатските напори за да обезбеди ослободување на својот персонал и евакуација на амбасадата.
Судирите меѓу провладините сили поддржани од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија и бунтовниците Хути блиски до Иран се интензивираа во последните недели околу стратешкиот град Мариб. Мариб е последното упориште на силите лојални на јеменската влада на северот на земјата.
Од почетокот на војната во 2014 година, Хутите постепено ја преземаа контролата врз поголемиот дел од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.