Поранешниот грузиски претседател, Михаил Саакашвили, соопшти дека се вратил во својата татковина по осумгодишно отсуство.

Добро утро, Грузија. Веќе сум во Грузија по осум години – напиша Саакашвили на својата страница на Фејсбук.

Политичарот објави и видео со кое потврдува дека пристигнал во Батуми.

Ова е мојот Батуми. Ова требаше да биде мојот американски технолошки универзитет Батуми, кој го уништија. Можевме да имаме вакцина денес, а ковидот немаше да убие толку многу луѓе. Многу ми недостасуваа овие места. Мојот сон се оствари денеска – напиша Саакашвили.

Грузиското Министерство за внатрешни работи, сепак, соопшти дека Саакашвили не ја минал државната граница. Претседателот на владејачката партија „Грузиски сон-Демократска Грузија“, Иракли Кобахидзе, исто така тврди дека Саакашвили не е во земјата.

Саакашвили не е во Батуми. Видеото на Михаил Саакашвили не е снимено во Грузија – изјави тој.

Кобахидзе го нарече поранешниот шеф на државата „кловн“ и порача дека навистина сака тој да пристигне во Грузија.

Тогаш целото општество ќе види каков кловн е Михаил Саакашвили и тоа ќе стави крај на целата гротеска во грузиската политика – изјави Кобахидзе .

Марија Барабаш, вработена во канцеларијата на Саакашвили во Киев за грузиската телевизија „Мтавари Архи“, не ги потврди ниту ги негираше информациите за пристигнувањето на политичарот во Грузија. Таа само објави дека Саакашвили го напуштил Киев.

Пред три дена го собра тимот и рече дека оди во Грузија, бидејќи сега е пресвртница за земјата, кога мора да се направи избор помеѓу Европа и минатото. Ни рече дека мора да замине затоа што таму се одржува важен референдум и мора да биде во Грузија – изјави Барабаш.

Саакашвили во понеделникот вечерта објави дека купил авионска карта за Тбилиси за 2 октомври, односно за локалните избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.