Русија го прифатила предлогот на НАТО и размислува за почеток на преговори меѓу двете страни за безбедносни прашања на 12 јануари, пренесе ТАСС, повикувајќи се на висок претставник на Министерството за надворешни работи, кој сакал да остане анонимен.

Русија минатата недела објави список од осум барања за кои сака да постигне договор со НАТО. Меѓу тие барања е и писмена гаранција од Алијансата дека нема да се шири понатаму на исток и дека нема да прифати држави како Украина или Грузија во своите редови. Дополнително, се бараат гаранции дека НАТО нема да спроведува никакви воени активности во Источна Европа и Украина.

Добивме понуда од НАТО и ја разгледуваме – изјавил извор од агенцијата ТАСС.

Медиумите во Германија наведуваат дека средбата и почетокот на преговорите треба да се случат на 12 јануари, најверојатно во Женева.

САД и Украина се плашат дека Русија подготвува инвазија на Украина, што Москва го негира, наведувајќи дека зголемувањето на тензиите се должи на приближувањето меѓу НАТО и Украина. Русија ги споредува тензиите во односите со кубанската ракетна криза од 1962 година, кога светот дојде на работ на нуклеарна војна.

Рускиот претседател Владимир Путин го повика Западот што поскоро да одговори на барањата на Русија и рече дека неговата земја ќе биде принудена да ги разгледа воено-техничките опции за да го спречи проширувањето на НАТО во Украина.

Немаме каде да се повлечеме. НАТО може да распореди проектили во Украина кои можат да ја погодат Москва за пет минути. Не доведоа до линија која не смееме да ја преминеме и мораме многу да им кажеме – изјави Путин.

Претходно НАТО го отфрли ветото за идното членство на Украина во Алијансата. Исто така, исклучена е можноста за отстранување на американското нуклеарно оружје од Европа и повлекувањето на мултинационалните сили од Полска, Естонија, Латвија и Литванија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.