Романија, една од најмладите земји членки на Европска унија, првпат го презема претседателствувањето во Советот на ЕУ на 1 јануари. Назадувањето на Романија во областа на владеењето на правото и демократските норми ги брануваше европските институции со месеци, откако романската социјалдемократска Влада почна да презема контроверзни мерки.

Букурешт, некогашен шампион во борбата против корупцијата во источноевропскиот блок, денес е на тапет. Во својот редовен извештај за напредокот на Романија во ноември, Европската Комисија го констатираше ова назадување со недвосмислен речник.

Жалам што Романија не само што закочи во реформскиот процес, туку повторно отвори прашања и назадуваше онаму каде што имаше напредок во последните десет години. Суштински е Романија да се врати веднаш на прав пат во борбата против корупцијата и да обезбеди независно судство, изјави на 13 ноември потпретседателот на ЕК задолжен за владеењето на правото, Франс Тимерманс.

Романското претседателство треба од утре да управува со агендата на ЕУ во наредните шест месеци, кои ќе бидат впрочем и меѓу најтешките. Во следниот семестар треба да се изнајде решение за напуштањето на Обединетото Кралство на ЕУ и да се подготват круцијалните мајски европски парламентарни избори кои можат значајно да го изменат политичкиот пејзаж во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.