Поранешниот американски амбасадор во Македонија Филип Рикер вчера беше спроведен да сведочи во Конгресот на САД, во рамките на истрагата која се очекува да води кон обид за смена на претседателот Доналд Трамп.
Иако сведочењето се одвивало зад затворени врати, конгресмени од редовите на опозициската Демократска партија јавуваат дека Рикер сведочел против Трамп со што се отвора прашањето уште колку долго ќе може да остане на функцијата – помошник државен секретар за Европа и
Евроазија.
Демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот и се обидуваат да почнат процедура за разрешување на претседателот Трамп, кого го обвинуваат дека ја злоупотребил својата позиција во однос на Украина. Според обвинувањето, Трамп побарал од Украина да спроведе истрага во активностите на нафтената компанија Бурисма, која го ангажирала синот на неговиот сериозен противкандидат Џо Бајден и му исплатила високи хонорари што повлече обвинувања за корупција на Бајден. Според Демократите, Трамп е тој кој треба да одговара во овој случај бидејќи извршил притисок врз странска држава да покрене постапка против негов политички противник, и со тоа да го елиминира Бајден од трката и да си ги подобри шансите на изборите во 2020 година.
Трамп ја разреши американската амбасадорка во Украина Марија Јованович поради нејзината политизираност и блиски врски со политичари од Демократската партија, и тоа во време кога Рикер веќе бил поставен како помошник државен секретар задолжен, меѓу другото, и за односите
со Украина. Рикер е претставен во медиумите како личен пријател на Јованович и наводно се обидел да го спречи Трамп и да и помогне на Јованович да остане на функцијата. Рикер е исто така претставен како „непартиски дипломат“, и покрај тоа што беше предложен за помошник
државен секретар во време на мандатот на Трамп, по разрешувањето на неговиот пертходник Вес Мичел. Но, Рикер не беше потврден на функцијата, и се уште дејствува како в.д. помошник на државниот секретар Мајк Помпео.
По скандалот со руско влијание, кој се покажа како неоснован но му ги „потроши“ првите две години од мандатот на Трамп, новата истрага за „украинскиот скандал“ крајно ги влоши односите на претседателот со дипломатската служба во Стејт Департментот. Трамп и без тоа беше
познат по игнорирањето на Стејт Департментот, за кој се сомнева дека е полн со исполитизирани дипломати се уште лојални на Демократската партија, и водењето на својата надворешна политика преку мала група дипломати кои лично ги има именувано на функциите. Низа поранешни дипломати, некои од нив добро познати и во Македонија, како Николас Барнс и Ден Фрид, вчера јавно му честитаа на Рикер за неговото сведочење против Трамп и обидот да ја задржи амбасадорката Јованович на функцијата.
Рикер е вистински професионалец, не е фалбаџија. Го познавам долго време и не знам како е политички определен. Тој е целосно непартиски ориентиран – изјави Фрид.
Демократскиот конгресмен Стивен Линч додаде дека сослушувањето на Рикер траело многу подолго од предвиденото поради тоа што „тој беше многу голем резервоар на податоци отколку што мислевме дека ќе биде“.
Рикер доби насоки од раководството на Стејт Департментот да не сведочи против Трамп и да го отфрли повикот на демократските конгресмени, но тој сепак се појави во Конгресот вчера, а имаше дури и полициска придружба.
Пред неколку дена дипломатот Бил Тејлор исто така сведочеше против Трамп, и според демократските конгресмени, споделил сериозни информации кои укажуваат на незаконско однесување на Трамп, поради што истрагата ќе продолжи да се насочува кон дипломати од Стејт Департментот како што е Рикер.
Републиканските конгресмени, пак, обвинуваат дека овој начин на истрага, кој се спроведува зад затворени врати и без информирање на јавноста, е скандалозен. Пред неколку дена група републикански конгресмени упадна во една од тајните соби во кои беше вршено сослушувањето, за со протест да побараат истрагата за импичмент на Трамп да се врши јавно, за и граѓаните да можат да просудат што точно кажале повиканите дипломати и дали Трамп навистина
извршил кривични дела.
Рикер неколку пати ја посети Македонија да го промовира договорот од Преспа, а и кумуваше и на посетата на секретарот Помпео одржана неодамна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.