Излезноста на изборите во Ирак падна на рекордно ниско ниво во услови на раширена фрустрација од политичката елита во земјата.

Ирачката Изборна комисија во прелиминарниот извештај соопшти дека својот глас го дале 41 процент од избирачите со право на глас.

Таа бројка е најниската излезност на петте избори откако долгогодишниот владетел Садам Хусеин беше соборен од власт во 2003 година, а претходното најниско ниво од 44,5 проценти беше забележано во 2018 година.

Парламентарните избори се одржани неколку месеци предвреме како одговор на протестите кои повикуваа на реформи.

За денеска се очекуваат првичните резултати од изборите, втори одржани во Ирак откако земјата пред речиси четири години прогласи воена победа над терористичката Исламска држава.

Ирак, богат со нафта, со години се бори со економска и политичка криза.

Набљудувачите на изборите, исто така, го припишуваат нискиот одѕив на големото распоредување на безбедносните сили на денот на изборите. Според официјалните податоци, на улица биле испратени повеќе од 250.000 припадници на обезбедувањето.

Шефот на набљудувачите на изборите од ЕУ, германската европратеничка Виола фон Крамон, изјави дека се чини оти безбедносните напори ги одвратиле луѓето од гласање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.