Словачка пријави рекорден број на нови инфекции со корона вирус во еден ден и покрај минатонеделното воведување строги ограничувања за движење низ целата земја.
Словачкото министерство за здравство објави 15.278 нови инфекции, речиси 5.000 повеќе од претходниот рекорд, кој беше регистриран на 23 ноември.
Наглото зголемување на бројот на новозаразени, министерството го припишува на тоа што дури вчера дел од резултатите од тестовите од вторникот беа додадени во информативниот систем.
Сепак, други податоци потврдуваат дека бројот на нови инфекции во Словачка е во пораст. Властите пријавија 61.515 нови инфекции во последните седум дена, а претходната недела имаше 57.992.
Владата воведе двонеделно општо ограничување на движењето, кое стапи на сила на 25 ноември.
На граѓаните им е дозволено да ги напуштат домовите само од причини предвидени со владина уредба, а невакцинираните и оние кои не поминале Ковид-19 мора да имаат негативен тест за да можат да одат на работа.
Во Собранието се расправа за владиниот предлог за исплата на бонус од 500 евра на лица на возраст од 60 и повеќе години доколку се вакцинираат.
Словачка има една од најниските стапки на вакцинација во Европската унија. Целосно вакцинирани се 46,3 отсто од 5,5 милиони жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.