Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека очекува американскиот претседател Доналд Трамп да остане на должноста, и покрај тоа што Претставничкиот дом му изгласа отповикување.

На традиционалната годишна прес-конференција во Москва Путин рече дека обвинувањата против Трамп се измислени и рече дека верува оти е малку веројатно дека американскиот Сенат ќе донесе конечна одлука да го отповика Трамп.

Всушност, навистина се сомневам дека ова е крајот, допрва треба да помине низ Сенатот, каде што знаеме дека републиканците го држат мнозинството, па малку е веројатно дека ќе сакаат да го отстранат претставникот од својата партија поради некои измислени причини – рече Путин.

Тој рече дека ова е само продолжеток на внатрешнополитичката борба.

Партијата што ги загуби изборите, демократите, сега се обидуваат да најдат нови начини со обвинувањето на Трамп дека е во дослух со Русија. Но потоа излезе дека не бил во дослух, па ова не смее да биде основа за импичмент. Сега ископаа некако притисок врз Украина – рече рускиот претседател.

Путин исто така изјави дека Русија е подготвена да постигне нов договор СТАРТ за контрола на нуклеарното оружје со САД, но дека нема одговори на руските предлози.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.