Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ги разгледа повеќе опции доколку Западот не одговори на неговото барање за безбедносни гаранции, што би го спречило проширувањето на НАТО во Украина.

Претходно овој месец, Москва поднесе нацрт на безбедносни документи со кои се бара од НАТО да не дозволи членство на Украина и другите поранешни советски земји и да ги повлече воените единици од Централна и Источна Европа.
Путин го повика Западот брзо да реагира на неговите барања, предупредувајќи дека Москва ќе мора да преземе соодветни воено-технички мерки доколку Западот продолжи со својот „агресивен“ пат „на вратата“ на Русија.

Запрашан каков ќе биде неговиот конкретен одговор, тој во изјавите објавени на руската државна телевизија рече дека може да биде „различен“ и додаде дека ќе зависи од тоа какви предлози ќе му поднесат воените експерти.

Соединетите Американски Држави и нивните сојузници одбија да и понудат на Русија гаранции за Украина што ги сака Путин, наведувајќи го принципот на НАТО дека членството во Алијансата е отворено за секоја земја што ќе се квалификува, но се согласија да започнат безбедносни разговори со Русија следниот месец.

Путин рече дека разговорите со САД ќе се одржат во Женева. Истовремено, планирано е одржување на преговори меѓу Русија и НАТО, како и пошироки преговори под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Во изјавите објавени денеска, Путин рече дека Русија ги поднела своите барања со надеж дека ќе има конструктивен одговор од Западот.

„Не го направивме тоа само за да биде блокирано, туку со цел да се постигне дипломатски резултат преку преговори, кој ќе биде фиксиран во правно обврзувачки документи“, рече Путин.

Кремљ ги поднесе своите безбедносни барања поради тензиите околу акумулацијата на руски војници во близина на Украина во последните неколку недели, што ги поттикна западните стравови од можна инвазија.

Претходно овој месец, американскиот претседател Џо Бајден во видео разговор го предупреди Путин дека Русија ќе се соочи со „тешки последици“ доколку ја нападне Украина.

Русија негираше дека има намера да изврши инвазија и ја обвини Украина дека планира да се обиде насилно да ги врати териториите што ги држат проруските бунтовници на истокот. Украина го отфрли тврдењето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.