Претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон, на 19 август на состанок ќе разговараат за начините за враќање на безбедноста во Европа. Средбата ќе се одржи во летната резиденција на Макрон, пет дена пред состанокот на членките на Г7.

Разговорите ќе се фокусираат и на соработката на Русија со Европската унија, рече денеска Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател за меѓународни работи.

– Освен билатералните односи, тие ќе разговараат за меѓународни прашања и европската безбедност, имајќи ја предвид улогата на Русија и Франција на европската политичка сцена и фактот дека и двете држави се постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации – изјави Ушаков.

Тој додаде дека посебно интересно ќе биде прашањето за развојот на соработката меѓу Русија и ЕУ, имајќи ги предвид промените во водечките европски институции.

-Русија постојано ја искажува својата подготвеност да продолжи со политичкиот дијалог со ЕУ. Ние сакаме да ги обновиме контактите со раководството на Европската комисија и другите институции на ЕУ – нагласи Ушаков.

Тој додаде дека најверојатно на средбата меѓу двајцата претседатели ќе се разговара и за прашањето за учеството на Русија во работата на парламентарното собрание на Советот на Европа.

Ушаков рече дека Путин и Макрон, исто така, ќе разговараат за плановите за одржување нов самит на четворката за Сирија, а меѓу најавените теми се и Иран и неговата нуклеарна програма, како и ситуацијата во Либија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.