Лидерот на каталонските сепаратисти, Карлес Пуџдемон, изјави дека ќе биде во Сардинија на 4 октомври за да присуствува на сослушувањето, откако по европска потерница беше задржан во полициски притвор во Италија, во период од помалку од 24 часа.
Судот во Сардинија го ослободи Пуџдемон во петокот, еден ден откако италијанската полиција го уапси врз основа на европската потерница издадена од Шпанија, додека патуваше на италијански остров за да присуствува на каталонски фолклорен фестивал во градот Алгеро.
Шпанија побара од Италија да го екстрадира Пуџдемон, кој беше шеф на каталонската влада во времето на гласањето за независност од Шпанија во 2017 година, што шпанските судови го оценија како незаконско.
Ќе ја продолжиме борбата. Никогаш нема да се откажеме, а јас ќе продолжам да патувам низ Европа. Во понеделник ќе се вратам во Брисел – изјави Пуџдемон на прес-конференција во Алгеро, придружуван од градоначалникот.
Пуџдемон, кој е во самонаметнат егзил во Белгија, ја пофали Италија за брзото решавање на неговиот случај.
Задоволен сум од конечниот резултат бидејќи нашите политички и правни аргументи се докажани. На италијанското судство му беа потребни само неколку часа за да ја донесе оваа одлука. Ќе се вратам на рочиштето на 4 октомври и ако италијанското судство донесе одлука за моја слобода, ќе се вратам дома во Белгија – изјави Пуџдемон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.