Поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон прашува зошто ЕУ не би ја примила независка Шкотска и Каталонија во своето членство, ако веќе „преговара со Косово, Македонија и Албанија“.

Имено, Приштина потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, додека Албанија и Македонија не добија зелено светло од Унијата за почеток на претпристапни преговори.

Ни кажаа дека прифаќањето на Шкотска, Каталонија и Фландрија би било премногу комплицирано. Би можеле тоа да го прифатиме, но истовремено ЕУ тежнееше кон проширување на бројот на земјите членки од 28 на 30, или дури 32. Тие преговараат со Косово, Македонија и Албанија за нивно членство, истакна Пуџдемон во интервју со поранешниот претседател на Еквадор, Рафаел Кореа за шпански РТ.

Поранешниот претседател на ЕК, Жан-Клод Јункер претходно изјави дека не би било возможно да се управува со Унијата доколку таа има 98 членови, што на крајот ќе се случи ако на Каталонија и биде дозволено да прави што ќе посака.

Пуџдемон, меѓутоа, тврди дека ЕУ би можела да биде функционална заедница со богато и среќно население, дури и ако биде составена од мали земји.

Тој смета дека области кои сакаат да се отцепат, како што е Каталонија, не треба да имаат поинаков третман „само поради поставеноста на границите во некој момент во минатато“.

Оние кои ги создаваат мапите ќе мора многупати да прават промени, бидејќи, за среќа, границите се менуваат. Наша желба е тие промени да не се прават по пат на војна, склучување бракови меѓу кралски семејства и со колонизација, туку според волјата на народот, нагласи Пуџдемон.

Пуџдемон, кој се наоѓа на потерница на Шпанија поради организирање референдум за независност на Каталонија пред две години, смета дека треба да се поздрави ненасилниот начин на борба за независност, кој го спровеле тој и неговите приврзаници.

Во спротивно, како што тврди тој, луѓето со исти желби ќе видат дека „единствен начин за стекнување независност се војна и вооружен судир, со натамошна интервенција на меѓународната заедница, како што беше случајот со Југославија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.