Грузиската полиција употреби солзавец и водени топови за растерувањето на демонстрантите од пред зградата на Централната изборна комисија во Тбилиси, кои, заедно со опозицијата, бараат повторување на парламентарните избори, со тврдење дека биле нерегуларни.

Илјадници демонстранти се собраа на Главната авенија во Тбилиси за мирно да го изразат својот протест, а помали групи кон полицијата фрлаа камења, по што таа реагираше.

Британските медиуми, повикувајќи се на полицијата, јавија дека демонстрантите се обиделе да упаднат во зградата на грузиската ЦИК.

Полицијата преку соопштение појасни дека откако демонстрантите употребиле насилни методи и не ги следеле упатствата, припадниците на министерството за внатрешни работи употребиле пропорционална сила, во рамките на своите овластувања.

Според официјалните резултати од изборите, владејачката партија „Грузиски сон“ освои 48,2 проценти од гласовите, додека најголемата опозициска партија, „Обединето национално движење“, освои 27,1 процент од гласовите.

Осум опозициски партии најавија бојкот на работата на парламентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.