Граѓаните на Чешката Република денеска и утре избираат нов парламент. Според анкетите, можно е центристичката партија на актуелниот премиер Андреј Бабиш „Акција на незадоволни граѓани“ (АНО) да излезе на прво место со околу 25 проценти од гласовите. Меѓутоа, ова нема да и биде доволно за да има мнозинство во Парламентот и самостојно да формира влада.

Досега, Бабиш беше на чело на малцинската влада составена од АНО и левичарската Чешка социјалдемократска партија. Кабинетот исто така ја уживаше поддршката и од Комунистичката партија на Чешка и Моравија. Така, комунистите досега индиректно учествуваа во управувањето со земјата, за првпат од 1989 година. Сега, сепак, се верува дека и социјалдемократите и комунистите ќе ги загубат гласовите и Бабиш ќе мора да бара нови партнери.

Неколку опозициски партии со политички позиции кои се приближуваат кон традиционалните политички текови на ЕУ ги премостија разликите и формираа две големи опозициски коалиции кои ќе се обидат да го соборат од власт евроскептичниот премиер.

Бабиш водеше агресивна кампања за изборите, ветувајќи им на гласачите дека нема да дозволи влез на илегални мигранти во Чешка и ја обвини опозицијата дека привлекува бегалци во земјата.

Бабиш, исто така, вети дека ќе ги брани Чесите од ЕУ, за која изјави дека сака да го уништи суверенитетот на земјата. Меѓутоа, во пресрет на изборите, името на Бабиш беше вмешано во скандал предизвикан од меѓународната новинарска истрага за Пандорини документи, што може да влијае на неговата партија при гласањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.