Во очекување дека најлошото во кризата со корона вирусот е зад нас, туристичките дестинации во Унгарија се подготвуваат за нормализирање на состојбата. Унгарската Туристичка агенција изготви брошура со која им се олеснува на хотелите и придружните компании да се подготват за повторно отворање на бизнисите, јави „Унгарија Денес“.
Во брошурата се наведени сите чекори кои хотелите, рестораните и другите компании мора да ги преземат за да ги заштитат своите вработени и посетителите. Содржани се основните процедури за одржување на хигиената и дезинфицирање на просториите, одржување на растојание од најмалку 1,5 метри. Компаниите ќе мора да водат детални белешки за своите активности и за спроведување на мерките за борба против вирусот, во приемните одделенија, во просториите каде се подготвува храната, во бањите, каде се перпорачува да се затворат парните, џакузи бањите и сауните… Според брошурата, се советува да се вршат најмалку две до три дезинфекции дневно, но и повеќе по потреба. Се препорачува употреба на чистачи на пареа како и на озонери.
На компаниите им се препорачува колку што е можно повеќе, да обезбедат регистрирање на гостите без директен контакт. На хотелите исто така им се препорачува да ги остават собите празни 12 часа пред да примат нови гости. На рестораните им се советува да избегнуваат шведски маси, и да се фокусираат на испораки на храна за дома. На една ресторанска маса ќе смеат да седат најмногу четири лица и нивните деца.
Менито треба да биде отпечатено на хартија за еднократна употреба. Зачините како сол и бибер би требало да бидат во мали, поединечни пакувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.