Мнозинство од Германците веруваат дека е правилна одлуката на Владата за времено стопирање  на вакцинацијата со вакцините од комапнијата „АстраЗенека“ додека трае истрагата за случаи со сериозни несакани ефекти. Германија и уште десетина европски земји прекинаа со употреба на вакцината откако беа идентификувани седум случаи на згрутчување на крвта, од кои три лица починаа.

Резултатите од социолошкото истражување на „Форса“, извршено по барање на РТЛ и НТВ, покажува дека 54 отсто од испитаниците сметаат дека одлуката на германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, за суспензија на вакцината на „АстраЗенека“ е правилна. Речиси 40 проценти сметаат дека реакцијата е претерана, а 39 проценти сметаат дека одлуката е погрешна.

Европската агенција за лекови соопшти дека во текот на денот ќе ги објави резултатите од истрагата за случаите со згрутчување на крвта. Шефот на агенцијата Емер Кук увери дека придобивките од вакцината се поголеми од ризиците.

По ваквите нуспојави, подготвеноста на Германците да се имунизираат против корона вирусот се намали за два отсто, достигнувајќи 71 отсто во споредба со последната студија на „Форса“ од 3 март.

Во најновото истражување учествувале 1.001 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.