Властите во Португалија најавија дека ќе го продолжат полицискиот час во текот на ноќта и „локдаунот“ за време на викендите, што веќе се воспоставени во повеќе од 100 општини во обид да се спречи ширењето на корона вирусот.

Ситуацијата е посериозна и покритична од тоа како ја доживеавме во првиот бран на пандемијата – изјави премиерот Антонио Кошта.

Од жителите на погодените области се бара да не ги напуштаат домовите, освен за работа, одење на училиште или купување во текот на неделата и да останат дома од 23 до пет часот.

За време на викендите „заклучувањето“ стапува на сила од 13 до пет часот наутро, при што сите продавници и ресторани мора да бидат затворени, иако има исклучоци за пекарите, аптеките и продавниците за храна.

Вонредната состојба на национално ниво, која стапи на сила во понеделникот, треба да трае до 23 ноември, а, исто така, може да се продолжи доколку се покаже дека е потребно.

Португалија, со нешто повеќе од 10 милиони жители, досега регистрира 191.011 случаи на заразени од корона вирус и 3.181 смртни случаи.

Најмалку што им должиме на здравствените работници е да вложиме дополнителен напор. Правилото е едноставно: мора да останеме дома – порача премиерот Кошта.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.