Актуелниот претседател на Украина Петро Порошенко и комичарот Влaдимир Зеленски, кои ќе се натпреваруваат во вториот круг од претседателските избори, дадоа крв за анализа со која се одредува присуството на дрога и алкохол.

Порошенко даде крв на Олимпискиот стадион во Киев, додека Зеленски отиде во приватна клиника во главниот град на Украина, според ТАСС.

Пред постапката, која беше емитувана во живо преку „Јутјуб“, Порошенко потпиша документи со кои се потврдува дека доброволно дава крв и дека нема ништо против резултатите од тестовите да бидат достапни за јавноста.

Сето тоа беше многу лесно”, рече Порошенко по давањето крв.

Во изјавата за новинарите, украинскиот претседател истакна дека е задоволен од фактот што Зеленски ја прифати неговата покана за дебата.

Ова не е шоу-програма, ова е можност да се добијат информации и одговори на прашања во врска со иднината на земјата во наредните години и децении”, рече Порошенко.

Зеленски рече дека очекува резултатите да бидат достапни за јавноста за три дена.

Во првиот круг од претседателските избори во Украина на 31 март, Зеленски освои 30,24 отсто од гласовите, додека Порошенко доби 15,6 отсто од гласовите.

Бидејќи ниту еден кандидат не успеа да освои повеќе од 50 отсто од гласовите, тие двајца ќе се натпреваруваат во вториот круг од изборите на 21 април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.