Властите во Ел Салвадор почнаа со ископување на тајна гробница што се наоѓа зад домот на поранешен детектив.
Досега се откриени остатоци од најмалку 24 лица на имотот на куќата во општина Чалчуапа, на околу 78 километри северозападно од главниот град Сан Салвадор.
Локалните власти соопштија дека ексхумацијата на телата може да трае и следниот месец, затоа што се верува дека во гробницата се закопани околу 40 тела, повеќето женски.
Потрагата почнала кога поранешниот полицаец Хуго Ернесто Осорио Чавез (51) бил уапсен на почетокот на овој месец откако убил една жена и нејзината ќерка. Осомничениот, кој бил под истрага за сексуални престапи, призна дека извршил двојно убиство.

Кога екипа за судска медицина извршила претрес во неговата куќа, биле откриени најмалку седум тела, од кои некои биле закопани година или две претходно.
Инцидентот го актуелизира прашањето за фемицид во земјата од 6,7 милиони жители, со 70 инциденти од овој тип регистрирани минатата година.
Полициските податоци покажуваат дека во Салвадор се регистрирани 111 убиства на жени во 2019 година.
Обвинителството во Салвадор издаде налог за апсење на уште деветмина осомничени кои можеби биле соучесници во злосторствата.

Директорот на полицијата во Салвадор, Маурицио Аријаза Чикас, изјави дека меѓу осомничените има и поранешни полицајци, поранешни војници, како и шверцери и други лица кои мамеле жени во смрт.
Насилството врз жените во Латинска Америка, вклучувајќи убиства, се влоши за време на пандемијата на Ковид-19.
Во Мексико минатата недела беше уапсен 72-годишен маж под сомнение дека е сериски убиец на жени, откако во неговиот дом беа пронајдени останки на неколку лица, како дел од истрагата за смртта на помлада жена (36).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.