Полскиот премиер, Матеуш Моравјецки, изјави дека милиони мигранти ќе влезат во Европа доколку политиката за заштита на границите остане слаба како што е досега.

Моравјецки исто така порача дека, со оглед на развојот на настаните на полско-белоруската граница, не ја исклучува опасноста од војна.

Ако не успееме да спречиме влез на илјадници мигранти сега, наскоро ќе има илјадници и милиони од нив кои ќе се упатат кон Европа. Доколку решително не ги браниме и заштитиме границите во Европа, стотици милиони луѓе од Африка и Блискиот Исток ќе се обидат да дојдат во Европа, а особено во Германија – изјави Моравјецки за германски „Билд“.

Моравјецки вели дека е задоволен од поддршката што ја има од Германија и другите членки на НАТО.

Во моментов се очекува заеднички став на Полска, Литванија и Летонија за мигрантската криза на границите на овие земји со Белорусија.

Моравјецки додава и дека следен чекор би можело да биде активирање на членот 4 од договорот за НАТО, кој се однесува на нарушување на суверенитетот на териториите на земјите членки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.