Дневниот број на смртни случаи од последиците на коронавирусот во Полска, за време на четвртиот бран на пандемијата, се искачи на рекордни 669, соопшти денеска полското Министерство за здравство.

Министерството, исто така, објави дека во изминатите 24 часа се регистрирани 24.266 нови случаи на инфекција со коронавирусот, пренесува Ројтерс.

Најголем дневен број на смртни случаи во Полска, 954, беше забележан во април годинава.

– Ова е ефектот од овие последни недели, кога е зголемен бројот на заболени. Тоа се главно невакцинирани луѓе – изјави претходно владиниот портпарол Пјотр Милер.

Полска денеска усвои нови мерки за да спречи ширењето на инфекции со коронавирусот, дополнително ограничувајќи го бројот на луѓе присутни на некои јавни места, како ресторани, но и затворање на ноќни клубови.

Земјите ширум светот ги заоструваат рестриктивните мерки пред празничната сезона, по појавата на новиот сој омикрон, кој досега е потврден во 77 земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.