Унгарија и Полска успеаа да ги заштитат своите национални интереси во текот на преговорите за новиот буџет на ЕУ и за пакетот помош од корона вирусот, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Договорот беше постигнат вчера, по неколкудневни напорни преговори против земји како
Холандија, кои бараа и помал пакет и помалку пари за источна Европа. Орбан и полскиот премиер Матеуш Моравиечки изјавијa дека успешно ги блокирале обидите на Холандија да ги врзе парите за источна Европа со исполнување на пристрасно и нејасно дефинирани критериуми за владеење на правото.

Им посакувам на Унгарците уште многу успешни утра како ова денес, изјави Орбан,  одавајќи дека „не е прифатливо држави кои го наследиле своето владеење на правото да им држат предавања на држави кои морале да се борат против комунизмот за да изградат слободарски системи“.

Моравиечки додаде дека во постигнатиот договор се прави јасно разграничување на економските и политичките критериуми.

Полска цела година трпеше неосновани, политички мотивирани напади, кои за нас се
неприфатливи, изјави Моравиечки.

Полскиот премиер воедно побара ЕУ да го засили процесот на проширување кон исток, посочувајќи пред се кон Србија, и предупредувајќи дека во спротивно, земји како Русија, Кина и Турција ќе го засилат влијанието на Балканот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.