Ватикан, најмалата земја на светот, очекува да добие доволен број вакцини против коронавирус во наредните денови, со цел да ги вакцинира сите свои работници и жители.

Околу 450 луѓе живеат во Ватикан, вклучувајќи го и папата Франциско, а уште неколку стотици вработени живеат во Рим.

Вакцините најверојатно ќе пристигнат во земјата во втората недела од јануари во доволни количини за да ги задоволат сите потреби на Светиот Престол и државата Ватикан, се вели во соопштението.

Ватикан објави дека купиле замрзнувач што лади до екстремно ниски температури со цел да ја складираат вакцината, што сугерира дека ќе користат вакцините од компаниите Фејзер и Бионтек, кои се чуваат на минус 70 степени Целзиусови.

Вакцинацијата ќе биде доброволна. Ватикан не објави дали и кога ќе биде вакциниран папата, кој има 84 години и чиј дел од белите дробови му е отстранет во младоста.

Досега во Ватикан се регистрирани 27 случаи на коронавирус, а никој не починал од последиците на тоа заболување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.