Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија поради коронавирусот.

Загрижени сме поради аларматното ниво на ширење и сериозноста на болеста, како и поради малиот број акции кои беа преземени, се наведува во соопштението на СЗО.

Тие оценија дека поради тоа КОВИД-19 може да се карактеризира како пандемија.

Бројот на починати во еден ден достигна 196 лица во Италија, нови случаи има и во Хрватска и кај нас.

Пандемија не е збор што треба да се користи лесно и невнимателно. Ако погрешно се користи, тој збор може да предизвика неразумен страв и некои би можеле неоправдано да помислат дека битката е загубена“, вели шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.

Тој додаде дека бројот на заболени надвор од Кина во последните две недели се зголеми за 13 пати, додека бројот на земјите во кои се појави вирусот порасна за четири пати.

Сите земји може да го сменат течението на оваа пандемија. Ако земјите откријат, тестираат, лекуваат, следат и ги мобилизираат своите луѓе, така може да помогнат, додаде тој.

Досега во светот се потврдени 4.291 смртен случај од КОВИД-19, а повеќе од 120 илјади луѓе се заразија. Од нив повеќе од половина оздравеа.

Во поново време, пандемија беше прогласена уште два пати: грипот Х1Н1 во 2009 и ХИВ/сида во 1981 година. Пандемијата на шпански грип во 1918 година опфатила 500 милиони луѓе, при што починале меѓу 17 и 50 милиони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.