Во Австрија денеска, по точно 60 дена, повторно се отворија кафулињата и рестораните, кои беа привремено затворени поради рестриктивни мерки за борба против ширењето на новиот коронавирус.
Од денеска, угостителските објекти можат да работат од 6 до 23 часот, но со одредени услови, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Наложено е во кафулињата и рестораните, да има метар оддалеченост помеѓу масите, а растојанието меѓу гостите од еден метар ќе важи и за приколките и киосците кои служат храна.
Покрај тоа, келнерите, односно персоналот кој е во директен контакт со гостите, мора да носат маски или визири. Вработените во кујната и другите кои не се во директен контакт со гостите, се ослободени од обврската да носат маски.
Најмногу четири возрасни и деца кои не се од исто домаќинство можат да седнат на една маса, а во поголем број може да бидат само ако се од исто домаќинство.
Анкетата на виенскиот весник „Естерајх“ покажа дека денеска 22 отсто од граѓаните имаат намера да посетат угостителски објект. Жителите на провинцијата Тирол покажуваат најголем интерес за „враќање“ во кафулињата, каде 34 проценти рекле дека ќе одат денеска во угостителски објект. Тоа имаат намера да го направат и 31 отсто од жителите на Салцбург, 32 проценти во Корушка, 21 отсто во Виена и само 14 проценти во Штаерска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.