Четири партии договорија формирање владејачка коалиција, со што е ставен крај на најдолгиот политички застој во историјата на Холандија. Холанѓаните излегоа на гласање во март годинава, за потоа земјата да функционира без влада цели девет месеци. Претходниот рекорд датираше од 2017, кога Холандија немаше влада нешто повеќе од седум месеци.

Четирите партии, меѓу кои и ВВД на актуелниот премиер Марк Руте, денеска ќе го претстават својот коалициски договор, а за новата влада утре ќе се гласа во парламентот.

„Мислам дека имаме добар договор“, изјави Руте, кој беше привремен премиер во изминатите месеци.

Преговорите помеѓу многуте партии во холандскиот парламент се одолжија зашто сè до октомври не беше јасно кои партии би ја сочинувале коалицијата. Покрај ВВД, во владата влегуваат прогресивната партија Д66, ЦДА од десниот центар и конзервативната Христијанска унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.