Наводниот организатор на нападот на САД на 11 септември 2001 г. Халид Шеик Мохамед и уште четворица други од затворот во Гвантанамо конечно ќе бидат изведени пред суд во 2021 година, речиси две децении по разорниот напад на Ал Каеда. Тие се обвинети за воени злосторства и тероризам и се сметаат за одговорни за убиството на речиси 3.000 луѓе, јавува Би-би-си.

Обвинетите петмина ќе бидат првите лица на кои ќе им се суди за терористичките напади во Вашингтон и во Пенсилванија и тоа речиси дваесет години од самите трагични настани. Ако ги прогласат за виновни, ги чека смртна казна.

Халид Шеик Мохамед беше фатен во Пакистан во 2003 година и беше префрлен во американскиот затвор Гвантанамо на Куба каде против него беше поднесено обвинение. Но судењето постојано беше одложувано. Во текот на претходниот обид да се почне судењето во 2008 изјави дека планира да ја признае вината и дека радо ќе дочека мачеништво.

Во 2009 година администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама, која вети затворање на Гвантанамо, се трудеше да го префрли судењето во Њујорк, но од тоа се откажа откако во 2011 година Конгресот се побуни против таквиот предлог. Против петтемина беше поднесено обвинение во 2011 година, кое беше слично на поднесеното за време на администрацијата на Џорџ В. Буш.

Пентагон изјави дека Халид Шеик Мохамед призна дека целосно е одговорен за нападот на 11 септември. Американските обвинители наведоа дека бил вплеткан и во многубројни други терористички акции како нападот со бомба на ноќен клуб во Бали во 2002, нападот на Светскиот трговски центар во 1993 година и убиството на новинарот Даниел Перл.

Сослушувањата за судењето кое ќе следи се планирани за следниот месец. Адвокатите на обвинетите бараат да се изземат признанијата кои нивните клиенти ги дале на ФБИ во 2006 година. Тврдат дека не можат да се користат на суд бидејќи биле добиени со изнуда.

Халид Шеик Мохамед тврдеше дека во затворот на Куба бил постојано мачен. Документи на ЦИА потврдија дека 183 пати бил подложен на техниката „вотербординг“, во која се симулира давење на испрашуваниот.

И другите четворица осомничени – Валид бин Аташ, Рамзи бин ал Шиб, Амар ал Балучи и Мустафа ал Хавсави – ЦИА исто така ги испрашувала пред да ѝ бидат предадени на американската војска во затворите познати како „црни локации“ кои се наоѓаат надвор од границите на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.