Најмалку 53 луѓе загинале, а повеќе од 100 се повредени во експлозија на цистерна со бензин на северот на Хаити.
Властите веруваат дека експлозијата во градот Кап-Хаитијен се случила по превртување на цистерната, откако возачот се обидел да избегне мотоцикл.
Во близина на местото на експлозијата изгореле околу 20 куќи. Се очекува бројот на починати да порасне, затоа што се уште не се изброени луѓето кои загинале во своите домови.
Додека десетици тела лежеле на местото на експлозијата, мештаните со канти го собирале бензинот од цистерната и од улицата.
Експлозијата се случува во време кога Хаити се соочува со недостиг на гориво и вртоглав раст на цените на гасот, поради што болниците се принудени да одбиваат пациенти, додека училиштата и некои фирми се привремено затворени. Владите на САД и Канада ги повикаа своите граѓани да ја напуштат земјата додека се уште можат.

Хаити се уште се обидува да се опорави од убиството на претседателот Жовенел Моиз на 7 јули и силниот земјотрес на средината на август во кој загинаа над 2200 луѓе, а десетици илјади домови беа уништени.
Таа островска земја со над 11 милиони жители е погодена и со раст на бројот на киднапирања, поврзани со делувањето на бандите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.