Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) соопшти дека на локалните и регионални избори во земјата владејачката Социјалистичка партија на претседателот Николас Мадуро освоила 20 гувернери, додека три им припаднале на опозициските политичари.
Набргу по објавувањето на првичните резултати, левичарскиот претседател на земјата го прослави триумфот на владата.
Победата е импресивна. Добрите победи мора да се прослават – изјави Мадуро во обраќањето до поддржувачите.
На гласање излегле само 41,8 отсто од регистрираните гласачи, што е околу 8,1 милион избирачи, соопшти највисокото изборно тело во оваа јужноамериканска земја.
ЦНЕ претходно во текот на денот соопшти за „помали и изолирани проблеми“ при гласањето.
На регионалните избори во 2017 година, владејачката партија освои 19 гувернери, додека опозициските политичари освоија четири.
Британските медиуми анализираат дека последните изборни резултати се назадување за лидерите на опозицијата, кои се вратија во изборниот процес по бојкотот на претседателските избори во 2018 година и изборите за Конгресот во 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.