Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе се пресели привремено, од следниот април, во зградата на Европскиот парламент, од другата страна на каналот на Рајна, јави дописникот на МИА.

На хемициклот на Советот на Европа, во Палатата на Европа инаугуриран од Валери Жискар Д’Естен во 1977 година, му треба дотерување-подмладување. Нема да биде допрена структурата од махагониј, ниту трибината и клупите на кои поминаа 45 години од историјата на Европа, туку ќе се прави надградба на стандардите за пристапност, нова електрична и преведувачка опрема…

Градежните работи беа планирани за 2018 година, но политичко-буџетските тешкотии го принудија Советот да ги одложи. Русија, суспендирана од Собранието поради анексијата на Крим, како одмазда престана да придонесува во буџетот на Советот. Дупката во фондот беше оправдување за напуштањето на одредени проекти и реновирањето на хемициклот ја плати цената.

Со пет години доцнење, обновата конечно ќе се реализира, поради што Парламентарното собрание на Советот на Европа привремено се сели во Европскиот парламент, кој, пак, до изградбата на неговата зграда во 1999 година, се состануваше токму во хемициклот на Советот на Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.