Папата Франциск предупреди дека светот е „на пат кон самоуништување“ доколку политичките лидери не успеат храбро да ја искористат пандемијата на Ковид-19 како шанса да ја направат планетата Земја поправедно и позелено место.
Од неговиот избор во 2013 година, Папата повеќе пати зборуваше за потребата од заштита на животната средина, а сега објави две видео пораки, едната по повод Денот на планетата Земја, а другата за самитот за климатски промени, чиј домаќин е американскиот претседател Џо Бајден.
Во видео пораката објавена за Светскиот ден на планетата Земја, папата Франциск истакна дека политичките лидери имаат можност подобро да излезат од оваа ситуација по научените поуки за социјалните неправди откриени за време на пандемијата на корона вирусот.
И глобалните катастрофи, Ковидот и климата, покажуваат дека немаме време за губење. Времето не притиска и, како што покажа корона вирусот, ние имаме средства да одговориме на предизвикот. Имаме средства. Време е за споделување, ние сме на граница – нагласи поглаварот на Римокатоличката црква.
Тој додаде дека неволјите со кои се соочи човештвото во пандемијата треба да ги охрабрат лидерите да тежнеат кон иновации и пронајдоци со цел подобро да ја заштитат планетата.
Папата апелира до „сите лидери во светот да се однесуваат храбро, да постапуваат чесно и секогаш да им ја кажуваат вистината на луѓето, за да можат луѓето да знаат како да се заштитат од уништување на планетата и како да ја заштитат планетата од уништување кое многупати сме го иницирале“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.