Буџетскиот дефицит на Германија во пандемиската 2020 година достигна 189,2 милијарди евра и е најголем од обединувањето на Германија, а одговара на 5,7 проценти од бруто домашниот производ.

Податоците објавени од германскиот Завод за статистика (Дестатис) покажуваат дека пандемијата однела повеќе од 77.000 животи во Германија и ја уништи најголемата европска економија, иако таа се покажа поотпорноаод очекуваното, што делумно е благодарение на континуираната силна побарувачка од Кина, коментираат светските агенции.

Државните трошоци минатата година се зголемиле за 12,1 отсто, на 1.700 милијарди евра, бидејќи државата презеде драстични мерки за ублажување на последиците од повеќемесечното затворање на економијата.

Приходите од данокот паднале 3,5 проценти, на 1.500 милијарди евра.

Пресметките покажуваат дека буџетскиот дефицит во 2020 година изнесува 189,2 милијарди евра, што, според  Дестатис, одговара на 5,7 проценти од БДП. Кон крајот на февруари, заводот за статистика го процени дефицитот на 139,6 милијарди евра, што е еднакво на 4,2 проценти од БДП.

Државата ќе продолжи да троши многу, а германскиот министер за финансии Олаф Шолц минатиот месец вети дека ќе стори сé што е потребно за економијата да излезе од кризата предизвикана од корона вирусот.

Германија се бори со третиот бран на пандемијата и голем број компании, вклучително и баровите, пивниците и кината, треба да останат затворени најмалку до крајот на овој месец.

Институтот за економски истражувања Ифо соопшти дека бројот на луѓе со скратено работно време, сепак, се смалил во март, благодарение на индустријата поддржана од силен извоз.

Во март, во државната програма за субвенционирање на плати за скратено работно време имало 2,7 милиони работници, 200.000 помалку отколку во февруари, проценува Ифо.

На почетокот на пандемијата, германската Влада субвенционираше плати на рекордни шест милиони работници преку програма за зачувување на работните места.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.