Иако Чернобил поради катастрофата во нуклеарната централа е еден вид на симбол за токсичен град, ова место според институтот „Блексмит“ е најотровното место на светот.

Станува збор за депонија за ѓубре во Гана во градот Акра, а веднаш зад ова место на листата на „Блексмит“ се наоѓа украински Чернобил. Инаку, оваа депонија е најголемиот центар за одлагање и рециклирање на електронски отпад во западна Африка – меѓу локалното население е наречено Содома и Гомора.

Потребно е многу труд и време за секој од тие предмети да се раздели на помали делови, па секој од нив да се рециклира.

Гана годишно увезува околу 215 илјади тони стара електроника од странство, првенствено од западна Европа, а притоа создава уште 129 илјади тони таков отпад на годишно ниво.

Примарната закана за здравјето на околното население произлегува од палењето на каблите за да се дојде до бакарот кој се наоѓа внатре. Стиропорот често се користи како гориво за палење на каблите, а содржи низа на токсични тешки метали како оловото.

Тие тешки метали потоа се шират и навлегуваат секаде, во воздухот, почвата и водата, односно во животот на околу 50 илјади луѓе кои што живеат во непосредна близина. Додека “EPA” (американска Агенција за заштитана околината) за дозволена количина на олово во тлото ја смета мерката од 400 ппм, примероците земени од почвата во околината на депонијата за електроника во Гана изнесуваат неверојатни 18,000 ппм. Другите примероци откриле токсични нивоа на алуминиум, бакар и челик.

За целата работа да биде уште полоша, Oрганизацијата за храна и агрикултура при Обединетите нации известува дека една третина од уличните продавачи на храна во овој град ги набавуваат намирниците од полињата во близина на депонијата, а се проценува дека истата храна ја јадат околу 2,5 милиони жители.

Според директорот на институтот „Блексмит“, Ричард Фулер, загадувањето на околината е причина за околу 20% од смртта на населението во земјите во развој. Отровите во околината на тие градови ги изложуваат граѓаните на ризици од труење, канцер, инфекција на белите дробови и раѓање на ментално заостанати деца.

На пример, во Держинск во Русија, поранешен центар за производство на хемиско оружје, вклучувајќи сарин и боен отров иперит, просечниот животен век на мажите е 42, а на жените 47 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.