Еден од десетиците мигранти во Велика Британија, обвинети за нелегална миграција, а потоа ослободени поради технички пропуст, е наводно осуден убиец во неговата родна Албанија. Во ноември британските власти пресретнале рибарски брод крај брегот на Сафолк, наоѓајќи на бродот и апсејќи 69 Албанци. Весникот „Дејли експрес“ минатата недела откри дека Кралското обвинителство (КПС) ги отфрлило обвиненијата против сите нив поради технички пропуст, апсењата биле извршени пред мигрантите да стапнат на британско тло.
„Дејли експрес“ тврди дека еден од оние на кои им била поништена казната бил осуден убиец, за кого велат дека во 1997 година убил жена пред нејзината осумгодишна ќерка. Таблоидот пишува дека поради тогашните внатрешни политички превирања во Албанија, властите не го испитале целосно случајот, а албанските обвинители го обвиниле човекот во 2006 година.
Тој првично во 2008 година бил прогласен за невин, но потоа следната година бил прогласен за виновен од Апелацискиот суд и осуден на 15 години затвор со максимално обезбедување.

Според весникот, Албанецот е во притворен центар и чека да биде депортиран. Не е познато дали поднел барање за азил.
Минатата недела Владата соопшти дека откако Велика Британија ќе ги напушти правилата и прописите на ЕУ на 1 јануари, ќе им забрани на мигрантите пресретнати на море да бараат азил.
Според Договорот од Даблин, Велика Британија може да ги отфрли барањата за азил ако мигрантот поминал низ безбедни земји, како што се Франција или Белгија, пред да пристигне во Велика Британија.
Сепак, тоа не се однесува на британските територијални води, каде мигрантите кои тврдат дека имаат потреба од спасување можат да бидат земени од крајбрежната стража или од граничните сили на Велика Британија и да не бидат обвинети за нелегален влез. Таков е случајот со 69-те Албанци, кои не биле обвинети за илегален влез затоа што биле пресретнати пред да стапнат на британско тло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.