Граѓаните на Никарагва денеска излегуваат на претседателските избори што се одбележени со немилосрдна кампања на долгогодишниот претседател Даниел Ортега, кој се стреми да го продолжи своето владеење на цврста рака, со затворање на критичарите. САД ги сметаат изборите како фалсификувани.

Ортега, поранешниот герилец кој во 1979 година помогна во соборувањето на десничарската семејна диктатура, речиси сигурно ќе го добие четвртиот последователен мандат, со својата сопруга, Росарио Мурила, како потпретседателка, со што ќе го продолжи статусот на најдолговечен американски лидер.

Ортега беше претседател на Никарагва во 1980-тите, власта ја загуби за време на нередите во 1990 година, но повторно се врати во 2007 година.

Полицијата на Ортега од мај досега затвори речиси 40 водечки опозициски политичари, меѓу кои и седум претседателски кандидати, истакнати деловни луѓе, новинари, како и некои од неговите поранешни сојузници.

Единствена опозиција на Ортега на гласачките ливчиња се пет помалку познати кандидати на малите здружени партии.

Денеска се избираат и 92 претставници на еднодомниот конгрес, што, сто така, е контролиран од неговите сојузници.

Право на глас на денешните избори имаат околу 4,5 милиони Никарагванци.

Џејсон Марчак, аналитичар на Атлантскиот совет во Вашингтон специјализиран за политиката на Централна Америка, ги отфрли изборите како „екстремно дискредитирани“, додавајќи дека непопуларноста на Ортега може да се надмине само со груба сила.

Неговата победа е можна само со затворање на неговите потенцијални конкуренти – изјави Марчак.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.