Успешното справување со корона вирусот во Унгарија спаси десетици илјади животи, изјави премиерот Виктор Орбан во своето неделно радио интервју. Според Орбан, унгарскиот систем во кој се применуваше воена стратегија се покажал поуспешен од западните земји.

Покажавме дисциплина единство. Овие карактеристики ќе ни бидат потребни и во иднина, доколку дојде до втор бран на вирусот, изјави Орбан.

Тој воедно ги отфрли критиките од левичарски политичари од Европа и САД, упатени кон земјата откако Унгарија прогласи вонредна состојба за полесно да се справи со кризата. Иако голем број други држави исто така прогласија вонредна состојба, Унгарија се најде на удар од нејзините вообичаени критичари во Брисел, кои го обвинија Орбан дека воведува диктатура. Вонредната состојба беше укината неделава, откако опасноста беше надмината.

Од друга страна, ако погледнеме кон Европа, гледаме шокантни сцени. Во време на комунизмот, Западот за нас будеше само позитивни чувства, се смеевме на советската пропаганда која тврдеше дека „црнците во Америка се тепани“ и дека „западната младина е зависна од кока кола“. Но, реалноста денес е дека луѓето во Европа умираат поради недостиг на нега, големите економии мора да се спасуваат од пропаст, има бран на насилство, банди и уривање статуи. Западно-европските држави ни доаѓаат на нас да ни кажат како да живееме, како да владееме, како се управува со демократија, и не знам дали да се смеам или да плачам, изјави Орбан

Унгарскиот премиер обвини дека левичарски групи финансирани од мулти-милијардерот Џорџ Сорос стојат зад обидите на западните земји да им се наметне „либерален империјализам“, преку протести и безредија. Орбан рече дека дел од овие напори се обидите да се принуди Унгарија да прифати нетранспарентно дејствување на невладини организации финансирани од надвор преку Европскиот суд на правдата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.