Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека постои опасност самитот на Европската Унија на кој треба да се обезбеди помош за европските економии погодени од корона вирусот да пропадне поради Холандија.
Холандија, заедно со неколку други побогати држави како Данска, бара значително да се намали пакетот, кој се очекува да изнесува околу 450 милијарди евра, а воедно бара Унгарија и други земји од источна Европа да не добијат помош поради наводното кршење на владеењето на правото – често обвинување на левичарските политичари упатено кон десницата која доминира на истокот на континентот и чиј гласноговорник е Орбан.
Не знам зошто холандскиот премиер Марк Руте ја мрази Унгарија толку многу, дали има некоја лична причина за тоа? Не напаѓа многу остро и бара Унгарија да биде финансиски казнета затоа што, според него, не го почитуваме владеењето на правото. Тој негов став не е прифатлив бидејќи ние долго време бараме да се донесе одлука за извештајот за владеење на правото во Унгарија, изјави Орбан во долгата, 20 минутна прес конференција пред мноштво странски новинари во Брисел.
Унгарија беше обвинета од повеќе држави предводени од лево ориентирани политичари за состојбата со владеењето на правото, и самата побара да се изработи извештај. Орбан во Брисел побарал оваа процедура да се забрза, особено откако се покажа дека серијата обвинувања против Унгарија поради прогласувањето на вонредна епидемиолошка состојба се неосновани и дека Унгарија постапила во согласност со своите закони и европските стандарди.
Орбан е убеден дека секоја сериозна анализа на состојбата ќе покаже дека Унгарија нема проблем со владеењето на правото, но неговото барање процесот да се заврши побргу и да се деблокира одобрувањето на крајно потребната помош за борба против последиците од вирусот се оддолжува во Брисел.
Се соочуваме со намерно избрани општи поими, нејасни правни термини, кои ги користи овој Холанѓанец. Користи реторика како од времето на комунизмот, а и самиот не е свесен за тоа, изјави Орбан и во име на групацијата В4 побара пакетот да се одобри што поскоро, и тој да биде што поголем – односно да се отфрлат холандските барања за долги преговори и мал пакет на помош.
Унгарскиот премиер оцени дека се работи и за растечки културолошки разлики меѓу двата дела на Европа, пред се околу прашањето на имиграцијата. Орбан реагираше со смеа кога новинар го праша дали се уште сака да види „западно општество“ во Унгарија – во контекст на честите критики кои доаѓаат од левицата дека унгарските власти не се во согласност со идеалите на западна Европа.
Ха, ха, ова прашање стана покомплицирано порадаи миграцијата. Миграцијата смени се, го смени начинот на кој ние гледаме на Западот. Ние не сакаме да имаме мултикултурни, паралелни општества. Сега имаме очигледна разлика меѓу западниот дел на континентот и источниот дел на континентот, поради прашањето на миграцијата. Но тоа не беше тема на денешниот состанок, изјави Орбан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.