Во видеообраќање, унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека првата фаза од борбата против корона вирусот завршила, и дека Унгарија ќе почне постепено и внимателно да се отвара.

Олабавувањето на мерките ќе почне од внатрешноста на Унгарија, додека главниот град Будимпешта, каде поради густината на населението опасноста од ширење на вирусот се уште е висока, ќе остане под посебен режим.

Во внатрешноста на земјата, продавниците ќе бидат отворени без временско ограничување, летните тераси може да се користат, граѓаните може да ги посетуваат плажите, но на растојание од еден и пол метар едни од други и со соодветни маски на лицата во продавниците и трговските центри. Мерките ќе останат на сила и за постарите, и со почит ги замолуваме постарите лица да излегуваат од домовите само кога тоа е потребно. Владата е постојано во консултација со епидемиолози и ги разгледуваме мерките на секои две недели, порача Орбан во неговото обраќање.

Орбан соошти дека унгарскиот здравствен систем сега е веќе подготвен да се справи со евентуално ескалирање на вирусот.

Се надеваме на најдоброто, но подготвени сме за најлошото, изјави Орбан.

Според него, досегашните мерки беа потребни за јавното здравство да се мобилизира и опреми доволно за да се справи со епидемијата, и откако „првата фаза од одбраната“ е завршена, може да се прејде во нова, по-релаксирана фаза.

Дури и ако болеста се рашири, никој нема да биде оставен без соодветна нега, потенцираше унгарскиот премиер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.