Турција би можела да се смета за одговорна за погубувањата кои ги спроведуваат оружените групи кои под нејзина команда се борат во Сирија, и тие дела би можеле да бидат окарактеризирани како воени злосторства, соопштија денес Обединетите нации.

Според меѓународното право за почитување на човековите права и според меѓународното хуманитарно право, вонсудските погубувања претставуваат сериозни кршења и можат да бидат окарактеризирани како воени злосторства“, изјави портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за човекови права Роберт Колвил.

Според него, цивилите, сите лица кои не се вклучени во борбите, како и заробените милитанти, мора да бидат заштитени.

Колвил кажа дека Обединетите нации се обидуваат да ги проверат сите слоупотреби пријавени на тоа тело од почетокот на турската воена офанзива против курдските сили на североистокот на Сирија.

Турција би можела да биде означена како држава одговрна за злосторствата на групите кои се борат на нејзина страна, доколку Турција има контрола врз тие групи или врз операцијата за време на која тие злосторства се извршени – додаде Колвил.

Турција на 9 октомври на североистокот на Сирија почна воена офанзива против курдските борци кои ги смета за терористи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.