Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска потврди дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена потекнува од Македонија.

Нехамер рече дека напаѓачот, кој беше убиен од полицијата, имал 20 години, имал македонско потекло и бил осуден за терористичко здружување.

Министерот го кажа и името на убиениот терорист – Кујтим Фејулаи, кој на 25 април минатата година бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава.

Фејулаи бил ослободен од затвор, условно на 5 декември минатата година, бидејќи, врз основа на неговата возраст, бил опфатен со поблаго законодавство предвидено за помлади престапници.

Нехамер за агенцијата АПА изјави дека терористот имал австриско и македонско државјанство.

Тој бил опремен со лажен појас за бомби, автоматска пушка, пиштол и мачета, оружје со кое го изврши грозоморниот напад врз невини граѓани, нагласи Нехамер.

Тој рече дека биле извршени претреси во околината на напаѓачот, поточно бил извршен претрес во 15 станови и оти се уапсени неколку лица.

Главниот уредник на списанието „Фалтер“, Флоријан Кленк претходно објави дека напаѓачот е Албанец од Македонија, роден и израснат во Виена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.